Со години спортот во Кочани е целосно занемарен. Градот нема квалитетна спортска инфраструктура за ниту еден спорт. Освен училишните спортски терени и сали, Кочани нема општински спортски терени, современа спортска сала, тениски терени, ниту затворен базен. Спортот е оставен на маргините.
Надлежните институции не покажуваат ниту иницијатива, ниту визија да се издејствуваат проекти преку Министерството за спорт. Некогаш Кочани беше спортски град – се играше врвен ракомет, кошарката беше на високо ниво, тенисот имаше сериозни резултати. Денес, реалноста е поразителна.
Спортските активности се сведени на неколку поединечни клубови кои финансиски едвај опстануваат. Термините во училишните спортски сали се делат селективно, често со политички влијанија, што создава дополнителен проблем за клубовите и за младите кои сакаат да се занимаваат со спорт.
Без инвестиции, без инфраструктура и без поддршка – младите се губат, а со нив и спортската иднина на Кочани. Време е спортот повторно да стане приоритет, а не заборавена тема.

