Доколку инвестицијата за катна гаража е прескапа и со години само се ветува без реализација, време е да се размислува практично и одржливо. Наш предлог е советниците веднаш да иницираат измени во плановите, со кои наместо десетици нови станбени згради во Крушарско Маало, веднаш до Трговскиот центар, да се предвиди мега зелен паркинг.
Овој тип на паркинзи се користи во поразвиени држави и претставува два во едно решение – функционален паркинг и голем јавен парк. Станува збор за паркинг-простор со многу дрвја, зеленило и уредени пешачки зони, кој не го нарушува изгледот на градот, туку напротив, го подобрува квалитетот на просторот во самиот центар.
Со вакво решение би се постигнало значително растоварување на кејските улици, решавање на хроничниот недостиг од паркинг, повеќе зеленило и подобра микроклима, поквалитетен и пофункционален центар на градот.
Дури откако ќе се обезбеди реална алтернатива за паркирање, тогаш може да се зборува и за строги контроли и казни за непрописно паркирање. Ред не се воведува со казни без решение, туку со паметно планирање и визија. Кочани има потреба од храбри и модерни решенија.


