Македонската музичка ѕвезда Тоше Проески во декември 2002 година гостуваше во Спортската сала во Кочани, за време на промоцијата на неговиот трет албум „Ако ме погледнеш во очи“. Салата беше исполнета до последното место, а концертот имаше посебна магија кога на сцената му се придружи Есма Реџепова и заедно ја изведоа песната „Магија“ од истиот албум.
Тоше во Кочани доаѓаше неколку пати, а последниот негов настап беше на хуманитарен концерт – уште еден доказ за неговата огромна човечност и посветеност кон луѓето.
Денес, на 25 јануари, Тоше Проески ќе наполнеше 45 години. Роден на овој ден во 1981 година, тој останува најпопуларниот македонски пејач, уметник со светска кариера, препознатлив глас и емоција која не познава граници. Зад себе остави бројни албуми, безвременски песни и голем број хуманитарни дела поради кои беше сакан не само како музичар, туку и како човек.
Тоше не беше само ѕвезда – тој беше симбол на надеж, добрина и љубов. Неговата музика и денес живее, а споменот за него никогаш нема да избледи.

