Превозниците од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија масовно излегоа на протести поради новите правила за влез во Шенген-зоната и воведувањето на дигиталниот систем ЕЕС (Entry/Exit System), што предизвика сериозен сообраќаен хаос на клучните гранични премини кон Европската унија.
Според здруженијата на превозници, во протестите учествуваат околу 75.000 камиони, а блокирани се товарните премини кон Хрватска, Унгарија, Романија и Бугарија. Колоните се протегаат со километри, а застојот веќе сериозно се одразува врз снабдувачките ланци, особено во транспортот на прехранбени производи, лекови и индустриска стока.
Превозниците посочуваат дека проблемот не е во дигитализацијата како процес, туку во начинот и брзината на нејзино воведување – без доволна техничка подготвеност, без тест-фаза и без транзициски период. Според нив, ваквиот пристап создава непотребни блокади, финансиски загуби и дополнителен притисок врз транспортниот сектор, кој и онака се соочува со зголемени трошоци.
Тие бараат итен дијалог со европските институции, привремено олеснување на процедурите и реална примена на новиот систем, со цел да се спречи целосен колапс на меѓународниот транспорт и негативни последици врз економиите во регионот.

