Граѓаните кои живеат во центарот на градот алармираат за сериозни проблеми што директно ја загрозуваат нивната безбедност и квалитетот на живот. Новопоставените бандери од страна на ЕВН, според жителите, се поставени без соодветна проценка и претставуваат ризик за нивниот имот.
Дополнително, во централното градско подрачје има отворени шахти и септички јами, оставени без заштита, како и ѓубре и руинирани објекти кои со години не се решаваат. Наместо уреден и безбеден центар, граѓаните секојдневно се соочуваат со хаос и запоставеност.
Општината, за жал, нема јасен план, ниту воспоставен ред за решавање на овие проблеми. Граѓаните упатуваат јавен повик до градоначалникот конечно да се фати за работа, да излезе на терен заедно со општинските инспектори и лично да ја види реалната состојба на центарот на градот.
Центарот на градот мора да биде пример, а не опасност.
