Александар Андов, претседател на Советот на Општина Кочани и директор на ОУ „Никола Карев“, свесно продолжува истовремено да извршува две јавни функции, иако според мислењето на Државната комисија за спречување на корупцијата тие се неспоиви и претставуваат судир на интереси. Според законот, никој не може паралелно да врши две јавни функции без разлика на нивото на власт, а во овој случај директорот Андов одговара пред советникот Андов, што ја доведува во прашање институционалната одговорност.
На ова укажуваат и независните советници, кои посочуваат дека постои официјален документ според кој функцијата директор на основно училиште е неспоива со функцијата член на Совет на општина и дека лицето треба да се повлече од една од функциите. Тие најавуваат иницијатива прашањето да се разгледува на седница на Советот, а доколку нема постапување, случајот да се префрли пред надлежни институции и судски инстанци.
Од своја страна, Андов изјавил дека и во претходни мандати имало слични случаи и дека биле платени казни, по што лицата продолжиле со работа, тој става јасно до знаење дека ќе продолжи да зема две плати и да извршува функции спротивно на законот, но советници нагласуваат дека плаќањето казна не значи право да се продолжи со прекршување на законските одредби.
Граѓаните очекуваат јасен институционален одговор и почитување на законите без исклучок, бидејќи довербата во системот се гради токму преку еднаков третман и одговорност за сите носители на јавни функции.

