Револтирани жители од с. Тркање реагираат дека КЈП „Водовод“ постојано раскопува нови дупки по улиците, но не врши нивна санација. Поради тоа, дел од жителите се принудени сами да се организираат и со сопствени средства и труд да ги поправаат оштетувањата.
Според нив, општината целосно го заборавила селото — нема активности ниту околу најавениот нов пат кој требаше да ја поврзе фабриката „Амфенол“ со магистралниот пат Кочани–Штип. Иако проектот беше најавуван како важна инфраструктурна врска, на терен сè уште нема ни почеток на реализација.
Жителите прашуваат кога надлежните ќе преземат одговорност и ќе се пристапи кон системско решавање на проблемите, наместо граѓаните сами да ги санираат последиците.

