Во 2024 година Општина Кочани воспостави модерен „паметен“ систем за управување со јавното осветлување. Паметни уреди (сензори) се поставени во 69 контролни кутии за улично осветлување. Според најавите, преку платформата треба да се овозможи следење на дефекти, превентивно одржување, спречување кражба на електрична енергија и подобро планирање на трошоците.
Теоретски, општината треба да има целосен увид во секој дефект и навремено да реагира. Но, реалноста на терен е поинаква. Граѓаните сè почесто реагираат дека на повеќе улици уличното осветлување не функционира. На влезовите во градот светат само секоја втора светилка, на некои места светилките се целосно отстранети и виси само кабел. Наместо безбедност – темнина.
Се поставуваат сериозни прашања:
– Ако системот е „паметен“, зошто дефектите траат со месеци?
– Што точно работи фирмата „Електрика“ што со децении го одржува осветлувањето?
– Како е можно една иста фирма да работи со години?
– Дали се оправдани средствата што се издвојуваат?
– Зошто општината нема сопствено јавно претпријатие наместо приватна фирма која очигледно не испорачува резултати?
Според јавно достапни информации „Електрика“ во 2024 година остварила вкупни приход од 14.326.453 денари. Компанијата вкупно брои 1 работник, додека просечната бруто плата по вработен е 100.674 денари месечно.
Катастрофална е состојбата на терен. Без функционално јавно осветлување нема безбедност за пешаците, учениците и возачите. Паметни системи без одговорност и контрола не значат ништо. Граѓаните очекуваат резултати – светли и безбедни улици, а не само презентации и извештаи.

