Во 2018 година Комуналното јавно претпријатие го прими новото специјализирано возило „канал-џет“, како донација во рамки на Проектот за третман на отпадните води – Кочани. Проектот беше финансиран од Владата на Швајцарската Конфедерација, Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Кочани.
Возилото е наменето за чистење и одржување на канализациската мрежа, со цел да се овозможи нејзино нормално и непречено функционирање.
Но од тогаш до денес, граѓаните со право прашуваат – дали и колку ова возило се користи за намената за која е набавено?
Зошто нема редовно месечно одржување и превентивно чистење на канализацијата, кога веќе поседуваме соодветна и современа опрема? Зошто повторно се соочуваме со затнати шахти, излевање при врнежи и непријатни миризби?
Дополнително, дератизацијата против штетници се спроведува ретко и нефункционално, што дополнително го влошува проблемот. Ако имаме опрема – треба да имаме и резултати. Јавните средства и донации не смеат да стојат неискористени, додека системот не функционира како што треба.
Инфраструктурата бара континуирана грижа, а не реакција само кога ќе настане проблем.

