Во многу европски држави атмосферската канализација се планира и изведува многу пофункционално отколку кај нас. Наместо шахтите и решетките да се поставуваат директно во коловозните ленти, тие се поставуваат странично покрај коловозот или по средината на улицата, надвор од главната траса на движење на возилата.
Улиците се асфалтираат со минимален и прецизно пресметан агол, со што дождовницата природно се насочува кон решетките. Резултатот е јасен улиците остануваат суви, водата не се задржува на коловозот, а возачите не мора постојано да минуваат преку метални решетки.
Со ваков систем се постигнуваат неколку важни придобивки се намалува оштетувањето на возилата, се намалуваат трошоците за поправки на суспензија и гуми, се избегнува силното „трескање“ при поминување преку решетките, се подобрува квалитетот на живеење за жителите кои живеат покрај улиците.
Кај нас, за жал, речиси на секоја улица решетките се поставени директно во коловозната лента. Секое возило мора да помине преку нив, што создава бучава, вибрации и дополнителни трошоци за одржување на возилата.
Се поставува логично прашање: зошто оваа едноставна и докажана практика од Европа не се применува и кај нас?
Со подобро планирање и малку повеќе стручност, улиците може да бидат поквалитетни, побезбедни и попријатни за сите граѓани.

