Угостителите во Кочани, поточно сопствениците на пицерии во Трговскиот центар – блок А, од понеделник, 23 март, ќе започнат со отстранување на времените градби – терасите пред угостителските објекти.
Плочникот треба да се врати во првобитната состојба, целосно исчистен и прооден за пешаци. Одлуката следува по кривичната пријава што поранешниот в.д. градоначалник Венко Крстевски ја поднесе на 18 јуни минатата година до Основното јавно обвинителство – Кочани.
Угостителите ќе ги отстранат градбите на сопствен трошок, по што, согласно законските прописи, ќе можат да поднесат барање за користење на јавна површина.
Доколку добијат одобрение, ќе можат да постават подвижна опрема како тенда-перголи, чадори и жардиниери, но просторот мора да остане отворен од три страни.
Кај кафетериите, најдоцна до 20 март, треба да бидат отстранети застаклените делови на објектите поставени на јавна површина, додека тендите нема да се демонтираат.
Оваа одлука не се однесува само на Трговскиот центар, туку важи за сите угостителски објекти на територијата на Кочани, со цел воспоставување ред и ослободување на јавните површини за непречено движење на граѓаните.

