Судењето за случајот „Пулс“ продолжува – одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко побара замена на мерката притвор со куќен притвор, како и спојување на постапките поврзани со истиот настан.
– Ова ги премина сите човечки граници на хуман третман и сметам дека е неопходно да му се укине притворот и замени со куќен. Селективна примена на оваа мерка, само на двајца од вкупно 34 кои се товарат за исто дело, иако Дејан е со најлоша здравствена состојба. Мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење – изјави Коцевска.
Судијката Дијана Груевска Илиевски, рече дека судот е многу добро запознаен со здравствената состојба.
Судот го одби барањето за спојување на предметите, образложувајќи дека тоа би довело до одолговлекување на постапката, имајќи предвид дека друг предмет веќе е во завршна фаза и вклучува поголем број обвинети.
Инаку, судскиот процес се однесува на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, а јавноста внимателно го следи развојот на настаните.

