До кога ќе се одложува правдата, до кога ќе се одложува вистината и до кога ќе се одложуваат нашите животи?! прашаа денеска родителите на загинатите деца од трагедија, незадоволни од одложувањето на второто судско рочиште за случајот Пулс.
Александар Наунов – родител на загинато дете изјави:
“Второто одложено рочиште не беше само административно одложување. Тоа беше уште еден удар врз 63 семејства. Уште една пауза што ја продлабочува нашата болка. Уште една пречка на патот кон правдата. Но и уште еден доказ дека: НИЕ НЕМА ДА СЕ ПРЕДАДЕМЕ! НИЕ НЕМА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕМЕ! НИЕ НЕМА ДА ЗАМОЧИМЕ! И на крај, сакаме јасно да кажеме: го чекаме обвинителниот акт за полицајците. Го чекаме одговорот на прашањето: Кој и зошто не реагираше навреме? Кој не ја заврши службената должност? Зошто, според изјавите што ги слушаме, било одбиено да се помогне кога можело да се спасат животи?”
Дополнителен револт предизвика и моментот кога, по рочиштето, на паркингот на судот биле оставени лице-в-лице со обвинетите и нивните адвокати. Тие потсетуваат дека знаат што е право на одбрана, но очекувале барем минимална човечност од кочанските адвокати што ги застапуваат обвинетите.
“По одложувањето, изгледавме од судот со стегнати души. И токму тогаш видовме уште една неправда. На истиот паркинг, без никаква организација, без кордон, без минимум човечка чувствителност, нас – родителите на загинатите деца – нѐ ставија рамо до рамо со обвинетите. Паркирани едни до други. Лице в лице. Како да сме еднакви страни во нечиј административен записник, а не родители што ги изгубиле своите деца. За нас тоа не беше само „логистичка грешка“. Тоа беше уште едно понижување.”

