Македонија подготвува радикален пресврт во законот за забрана на пушење. Забраната ќе важи во сите затворени простори од јавен карактер, а увозот и продажбата на тутунски и никотински производи драстично ќе се ограничи.
Цигарите целосно ќе се тргнат и од видното поле на купувачите во маркетите. Скроен е новиот закон за заштита од пушење кој ќе биде ставен на јавна расправа.
Пушењето, според одредбите на новиот законот, ќе биде забрането дури и на терасите на угостителските објекти, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни.
Забрана ќе има и за пушење во автомобил, во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, на пазари и во редица други институции и на јавни простори.
Истата забрана со новиот предлог закон ќе важи и за сите типови на електронски цигари и вејп уреди, а целосно се забранува користење ароматизирани цигари.
Во министерството за здравство кои се креатори на овие измени велат дека тие се неопходни, а целта е да се спречи здравствена катастрофа.

