Кочани полека, но сигурно, ја губи својата хуманост. Додека низ градот никнуваат нови повеќекатници, куќи, хотели, граѓаните се прашуваат: Каде исчезнаа парковите, мирот и безбедноста?
Иако законските норми во Македонија се децидни – минимум 20% од секоја градежна парцела мора да биде под зеленило – реалноста на терен во Кочани е поразителна. Со сомнителни измени на Деталните урбанистички планови (ДУП), се дозволува градба „од раб до раб“, оставајќи ги жителите заробени во бетонски кафези.
Што се случува со зеленилото?
Наместо зелени површини каде децата би можеле безбедно да си играат, а повозрасните да се дружат, добиваме паркинзи и асфалт. Го користат секој сантиметар за да извлечат поголем квадрат за градење, а Општината со одобрување на ваквите планови, директно учествува во уништувањето на квалитетот на живот.
Улици без тротоари – Пешаците се „таргет“ на патиштата, проблемот не застанува кај зелените површини. Во делови на Кочани, сведоци сме на урбанистички хаос каде нема ниту законски минимум за тротоар. Мајките со колички и децата се принудени да се движат по коловозите, директно изложени на сообраќајот. Пешачките зони се жртвувани за сметка на поголеми габарити на објектите.
Граѓаните на Кочани не плаќаат комуналии за да живеат во бетонско гето. Бараме итно стопирање на неконтролираната „бетонизација“ и ревизија на одобренијата за градење кои ги кршат основните стандарди за хумано живеење.
Сакаме град со чист воздух, широки тротоари и паркови, а не само објекти без душа!


