Граѓаните реагираат дека во период кога е сезона на кастрење на дрвјата, сè почесто се забележуваат стари гранки што паѓаат на тротоари и врз автомобили. Дел од зеленилото е оставено без одржување и прераснува во вистинска „џунгла“, при што го покрива уличното осветлување — особено во трговскиот центар, каде осветлувањето е несреќно проектирано и поставено меѓу самите дрвја.
Се поставува прашањето дали е време општинските служби системски да пристапат кон обликување и кастрење на ризичните гранки, со цел поголема безбедност и подобра видливост во ноќните часови.
Воедно, граѓаните реагираа и за состојбата на влезот во градот, над градскиот базен, каде се исечени десетици дрвја. Причината засега е непозната, а дел од јавноста смета дека станувало збор за млади и здрави дрвја. Дрвјата се обликуваат и кројат — не се отстрануваат и осакатуваат без јасно образложение.
Дополнително, познато е дека „Водовод“ располага со машина мулчер – дробалка за гранки, обезбедена како донација од Швајцарската амбасада за потребите на Пречистителната станица во с. Мојанци, која функционира во рамките на КЈП „Водовод“ – Кочани. Сепак, досега во јавноста не е забележано нејзино користење.
Потребна е поголема транспарентност и одржливо управување со зеленилото, бидејќи тоа е важен дел од квалитетот на живот во градот.

