Во Кочани повторно ја гледаме истата позната сценарија — сите советнички групи, без разлика дали се партиски или „независни“, зборуваат исто: дека ќе вложуваат во младите, дека ќе донесат нова енергија, дека ќе ја раздвижат општината.Но, реалноста е поразлична и горчлива.
На листите гледаме лица кои со децении не дале придонес ниту еден ден работен стаж, луѓе кои немаат поим за вистинските проблеми на младите, ниту пак за реалноста во која живеат.
Наместо млади, образовани и слободно мислечки кандидати, повторно гледаме стари кадри и политички производи, луѓе кои ќе седат во советничките клупи само за да ги креваат рацете по директива, а не по совест. Дури и таканаречените „независни“ листи делуваат како маскирани продолжени раце на партии, кои ќе служат на нечии интереси, а не на интересите на граѓаните.
Кочани со години е заробено од системот „клати врата – земај плата“, каде што личната корист е пред јавниот интерес, а политичките игри се поважни од решавањето на реалните проблеми.
Затоа, граѓаните треба добро да размислат кому ќе го дадат својот глас. Зад убавите слогани, зад насмевките и празните ветувања, често се кријат истите луѓе кои со години го држат градот во место.
Време е за промена — не со зборови, туку со избор.

