На 30-ти март во Основниот суд во Кочани ќе се одржи рочиште за помирување по приватната кривична тужба на синот на газдата на Пулс, Дејан Јованов – Деко, Михаил Јованов, за тоа што на 17 март, ден по трагедијата, гневните учесници на протестот во Кочани, го демолираа кафе-барот Класик во трговскиот центар. Јованов бара и над милион денари обештетување.
Ова ја зголемува болката и оптоварувањето на семејствата на загинатите и повредените, кои веќе трпат огромна загуба по пожарот во март 2025 година. Здружението „16 Март 2025“ јасно се дистанцира од насилство и укажува дека протестите беа мирни и законити, а постапките против демонстрантите се по основ на приватна тужба, а не по службена истрага.
Тие исто така потенцираат дека ова само го влошува впечатокот дека вистинските виновници за трагедијата сè уште не сносат одговорност, додека граѓаните кои бараат правда се ставаат во улога на „виновници“.
Ова отвора сериозни прашања за тоа како се третираат граѓанските права на протест и барањето правда по една од најтешките трагедии што ја зафатија нашата држава.
Тужбата во име на фирмата на младиот Јованов ја поднела адвокатката Ивана Коцевска на 18 јуни 2025 година, во време кога Обвинителството ја дополнуваше истрагата за смртта на жртвите на пожарот во „Пулс“. Коцевска е адвокатка на семејството Јованови и во судењето за пожарот во дискотеката.
Од тужбата што деновиве беше споделена и на социјалните мрежи, може да се види дека наведени се седум имиња од Кочани и едно од Чешиново како одговорни за вандализмот, а додадени се и непознати лица, за кои подносителите на тужбата немаат сознанија кои се.
Притисок и заплашување?
Од здружението на семејствата на загинатите додаваат дека секој обид за притисок и заплашување на луѓето кои ја поддржуваат борбата за правда е спротивен на демократските вредности:
„Фактот дека станува збор за постара тужба која дури сега се актуелизира во јавноста, иако формално не ја менува нејзината правна природа, реално има значително влијание врз јавната перцепција и претставува дополнително оптоварување за семејствата на жртвите. Здружението инсистира на почитување на принципите на правната држава и презумпцијата на невиност, но истовремено и на целосна кривична, институционална и морална одговорност за трагедијата. Секој обид за притисок, заплашување или индиректно санкционирање на граѓани кои мирно го оствариле своето право на протест го сметаме за спротивен на уставните и демократските вредности“, соопштија семејствата.
Последното рочиште беше одложено по барање на адвокатката Сузана Јошевска – Атанасовска, која стана член на Судскиот совет и побара нејзината замена да има време да се упати во предметот. Судењето ќе продолжи во понеделник, 26-ти јануари.

