Во поткастот „Претрес со Ландов“ гостуваше Драганчо Стоименов – Дацо Белски, поранешен телохранител на Сашо Мијалков и Никола Груевски, кој изнесе сериозни и вознемирувачки обвинувања на сметка на судијата од Основниот суд во Кочани, Спиро Борисов.
Белски тврди дека по одредувањето мерка притвор, од неговата тогашна сопруга биле побарани 5.000 евра. Според неговите зборови, судијата имал директни контакти со неговото семејство, а барањето било претставено како финансиско „помагање“, подоцна оправдано како позајмица.
Во емисијата, Белски изјави дека парите биле навистина предадени, а како доказ презентираше пораки и скриншотови од комуникацијата меѓу неговата поранешна сопруга и судијата.
Дополнително, тој наведе дека судијата во два наврати доаѓал во домот на неговите родители додека бил во домашен притвор, при што, како што тврди, му сугерирал дека за него „можеби е подобро да си замине“, односно да ја напушти државата.
Белски посочи дека токму поради, како што вели, неправдата, притисоците и стравот од институционален прогон, денес се наоѓа во бегство од правдата. Овие наводи отвораат сериозни прашања за интегритетот на правосудниот систем и потребата од итна и темелна институционална проверка.

