Заврши вечерашниот протест на кој се собраа илјадници незадоволни работници, предводени од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Работниците побараа до крајот на идната недела пратениците да изгласаат зголемување на минималната плата.Работниците бараат да се зголеми минималната плата на 600 евра и сите други плати за 6.000 денари.
„Да ги поздравиме нашите газди, нека нè гледаат на вести. Тука ќе бидеме и утре. За една година ни се зголемија трошоците за 6.000 денари. Не сме биле продуктивни. А тие се многу продуктивни – за поршиња и за одмори во Грција. Нека си продададат нешто. Ќе блокираме улици, ќе донесеме одлука за генерален штрајк во приватниот сектор, за првпат во историјата“, рече Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватниот сектор.
„Една година пратениците одбиваат да донесат закон за зголемување на минимална плата. Многу лесно се паѓа од фотелја на работничко столче. Ако до крај на недела не изгласате закон за раст на минималната плата, ќе бидеме пожестоки. Ако вие не ги корегирате нашите плати, ние ќе дојдеме по вашите. Ќе побараме намалување за 80 проценти. А ви следи ново зголемување за 10 проценти. Вие ќе си ги зголемите платите за 200 евра, а работникот, кој ве гласал ќе го оставите без основни средства за живејачка“, рече Трендафилов.
За споредба пред две години на едно четиричлено семејство му беа потребни над 57.000 денари месечно. Во јануари годинава кошничката изнесува 66.413 денари. Ова значи дека за две години трошоците во оваа кошничка се зголемила за над 9.200 денари. За истиот период минималната плата според анализите пораснала за нешто над 4.000 денари.

