Во присуство на семејствата, роднините, пријателите и блиските на загинатите во пожарот во дискотеката Пулс, поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, порача дека солзите што протекоа во Кочани станаа бол за целиот народ.
Светата архиерејска литургија за помен на жртвите се одржа во црквата Св. великомаченик Георгиј – Кочани, каде присутните во тишина и молитва оддадоа почит на настраданите.
„Времето продолжи да тече, деновите станаа бестрајни месеци, а месеците исполнија веќе и цела година. Солзите што протекоа течат без престан и станаа секојдневие за сите мајки и татковци, за многу роднини и пријатели, станаа бол за овој крај и за сиот наш народ. А солзите дури и да престанат, тагата не исчезнува, таа останува длабоко во срцата на најблиските“, порача г.г. Стефан.

