На Градски стадион – Никола Мантоб беа откриени бистите на Томас Златков и Александар Стојанов, навивачи на ГФК Осогово, кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката Пулс пред една година.
Настанот се одржа во присуство на нивните семејства, роднини, пријатели и членови на навивачката група Сејмени, кои заедно им оддадоа почит на двајцата млади навивачи.
Мајката на Томас, Јулија Златкова, истакна дека бистите се симбол на нивниот живот и споменот што го оставиле зад себе.
„Бистите кои се поставуваат во нивна чест се токму овде на трибините, каде што се чувствуваше најмногу нивната енергија. Секогаш кога ќе доаѓаме на стадионот, иако сме тажни како нивно семејство, ќе бидеме и горди, бидејќи се наоѓаат на местото каде што беа најсреќни“, порача таа.
Таа додаде дека најголемото богатство што човек може да го остави зад себе не се материјалните работи, туку добрината и споменот што ќе остане во срцата на луѓето.

