Македонија денес одбележува една година од трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата, која се случи на 16 март минатата година за време на настапот на македонската музичка група ДНК, ја потресе целата држава и остави длабока трага во јавноста.
Пожарот избувна во преполната дискотека во доцните ноќни часови, а за кратко време пламените јазици и густите облаци чад предизвикаа паника меѓу присутните. Во обид да се спасат, многумина беа повредени, додека 63 млади животи згаснаа во една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата.
Годишнината од трагичниот настан денес се одбележува со повеќе комеморативни настани во Кочани и низ државата. Во спомен на жртвите се организираат изложби, трибини, јавни собири, а семејствата, пријателите и граѓаните палат свеќи и положуваат цвеќе во чест на загинатите.
Одбележувањето ќе трае до 16 март – денот кога пред една година згаснаа животите на 63 млади луѓе и кога Македонија остана во шок и тага.
Во рамки на годишнината во документарецот „Од пламен до надеж“, посветен на трагичниот настан и на сеќавањата на жртвите. Документарецот носи сведоштва од преживеани во пожарот како и патот на нивното лекување.
Една година подоцна, раните сè уште се свежи, а сеќавањето на изгубените животи останува силно потсетување за цената на човечкиот живот и потребата вакви трагедии никогаш повеќе да не се повторат.
Еден од нив беше Александар Авукатов (49) , музичар кој со својот бедн таа кобна вечер настапувал во друг локал во Кочани. По свирката одлучиле да заминат цел бенд во диското „Пулс“.
„Таму отидовме околу 2 часот и 15 минути, се сместивме и за многу кратко време се случи тоа што се случи. Толку беше со борбата со стихијата, со стампедото голема, што не ми остави простор да размислувам дали има нешто горе, дали капе од одозгора. Мојот фокус беше да останам на нозе. Го гледам излезот на вратата, и во таа борба некако успеав да обезбедам два чекори кои беа пресудни да излезам надвор покрај десниот ѕид, па на скалите. Таму ме пречекаа колегите од бендот, кои веќе беа надвор. Живи и здрви се, фала му на Бога. Тие потоа ме транспортираа во болницата до Штип“, вели Александар, кој се здоби со последици од пожарот.
Горан Тонев (25), пак кој беше гитарист во бендот на ДНК и кој беше на лекување во странство, вели дека кобната вечер настапувал со ДНК, како нивен гитарист.
„Излегов со многу повреди. Мислев дека го губам мојот живот. Ми пријде една девојка, која после долго време дознав која е и ја познавам, по име Моли. Таа со нејзината мајка со приватно возило ме однесоа во болницата во Кочани. Потоа ме пренесоа во клиниката во Скопје, каде ја губам свеста, и бев во вештачка кома скоро еден месец“, раскажува Горан.
Помеѓу преживеаните од пожарот во Кочани е и Игор Стојменов (31) од Кочани.
„Последно на кое се сеќам е кога бев примен во Градската болница на хирургија, потоа губам свест, продолжувам со Брза помош во Скопје. Знам дека во Скопје ми се направени неколку инцизии, две или три и потоа со воен авион се префлувам во Белград“
Помеѓу повредените била и Тамара Темелкова (18) која свесна излегла од дискотеката, но потоа била лекувана од последиците.
„Се сеќавам само дека некој ме извлече, не видов точно кој ме извлече. Јас веќе пола час сум била внатре, кога излегов надвор веќе имаше болнички комбиња, се качив во првото што ми се појави пред очи. Стигнавме до болницата, станав од болничкото комбе, некој болничар ме прифати. Во меѓувреме дојде мајка ми, ме пронајде и ме однесе до хирургија. Не знаев дека е толку сериозно. Мислев дека само ќе ме превзат и толку. Но кога видов другите во каква состојба беа, затоа што јас самата не можев да се видам, сватив дека е серозно и тогаш малку се исплашив. Во Скопје веќе не се сеќавам што ми правеле, знам дека сум била реанимирана. Од Скопје кога ме изнесуваа за Белград, свесна бев, но само слушав, не гледав затоа што очите ми беа отечени. Само ги слушав моите дека ми кажуваат дека ќе одам за Белград, да не се плашам. Кога слушав дека ќе ме носат за Белград, сватив дека е нешто сериозно“.
Надалина Грозданова (19) е една од потешко повредените во пожарот, која се уште се лекува.
„Самата вечер кога изби пламенот, моите сеќавања се избришани и не памтам точно што се случи. Но од моментот кога ме служи сеќавањето, кога се разбудив од кома во Грција, знам дека сум имала некој до мене и дека луѓето во Грција, докторите, целиот тим и персоналот ми го спасиле животот“.

