И покрај докажаните придобивки за децата, жените и економијата, само половина од децата на возраст од 3 до 5 години во Македонија посетуваат градинка. Посетеноста е значително пониска кај најранливите групи – децата кои живеат во сиромаштија, децата Роми и децата со попреченост.
Инвестицијата во предучилишно образование и грижа е во исто време социјална инвестиција и паметна економска политика. Квалитетното рано образование го подобрува успехот на училиште, го намалува осипувањето и им помага на децата да изградат посилни социјални и емоционални вештини.
Проширувањето на услуги за грижа за децата им овозможува на родителите, особено на мајките, да се вклучат на пазарот на трудот со олеснување на обврските за грижа за децата, што пак го зголемува приходот на семејствата, локалниот економски раст и го намалува родовиот јаз во вработувањето. Одговорноста за грижа за децата и понатаму е најголема пречка за вработување на жените: 59% од неактивните жени ја наведуваат оваа причина, во споредба со само 2,3% од мажите.
Локалните власти може да ги пренаменат неискористените простории во училиштата и во други објекти во заедницата во училници за предучилишно образование – исплатлива стратегија за подобар развој на децата, оснажување на жените и зајакнување на локалната економија.

